ЗАЕДНО НА ПАТОТ ДО УСПЕХОТ

За Нас

Григор Ставрев Прличев (Охрид, 18 јануари 1830[1] - Охрид, 6 февруари 1893[1]) бил македонски писател и значаен претсавник на македонската литература од XIX век. Овој генијален литерат според јазичната припадност е тродомен автор: грчки, бугарски и македонски, и ги обединува во себе нивните специфични карактеристики и епохата во која живее и работи, класицизмот и романтизмот, како стилски белези. Тој е писател кому Македонија му е и љубов и судба и болка и очај и неопходност и тага и лулка и гроб.[2].

Ученик на Димитрија Миладинов, кој во тоа време учителствува во Охрид. Извесно време се вработува како терзија, а подоцна станува учител во Тирана, Албанија. Во 1849 г. се запишува како студент по медицина на Атинскиот универзитет. Во текот на 1850/59 г. повторно се вра- ќа во Македонија и учителствува на повеќе места: Долна Белица, Струшко, Битола, Прилеп и Охрид, за да си обезбеди услови за продолжување на студиите.

Во 1859 година повторно доаѓа во Атина[1], како студент на втора година по медицина. Во овој период ја пишува поемата „Ο ΑΡΜΑΤΩΛΟΣ (Сердарот). Во 1860 ја добива наградата на големиот атински конкурс за најдобра поема на грчки јазик, паричен дел и лаворов венец[1]. Истата година делото излегува од печат.

Вратен во Охрид веднаш ја започнува работата врз новиот поетски проект поемата Скендербег, далеку попретенциозен творечки зафат. Работи како учител во Охрид. Со Јаким Сапунџиев го започнуваат народниот подвиг во Охрид, борба за воведување на народниот јазик во училиштата, односно борба против Цариградската патријаршија и нејзиното влијание

Извесно време престојува во Цариград. Има постојани контакти со бугарските културни дејци, а по враќањето во Охрид уште поинтензивно се ангажира за популаризирање на словенското писмо во Македонија. Во 1868 г. турската власт го затвора[1] и го депортира во дебарската зандана, поради клевета од страна на грчкиот охридски владика. По затворскиот период го посетува манастирот Св. Јован Бигорски и е восхитен што во него се служи на старословенски јазик. Во следната 1869 г. во Охрид масовно се воведува народниот јазик во училиштата.

По покана од Редакцијата на цариградското Читалиште се зафаќа со препев на Хомеровата Илијада. Почнува да соработува во бугарските цариградски весници и списанија. Во Белград, а потоа во Читалиште во 1872 г. ја објавува песната Во илјада седумстотин шездесет и второ лето, подоцна преобјавена и во неговата Автобиографија. Во цариградскиот весник Право во 1872 година е објавена вест дека Прличев подготвил за печат книга песни за деца под наслов Воспитание или 12 наравствени песни. Со заштедени пари од своето учителствување во Струга, заминува во Софија, поканет од многумина родољупци, го канеле да се зафати со каква и да е литературна работа и му ветувале секакви олеснувања и помошти. Во периодот меѓу 1883-1890 г. учителствувал во бугарската машка гимназија во Солун. Во овој период ја пишува својата Автобиографија, објавена по неговата смрт во Зборник за народни умотворенија, наука и книжнина.

Прличев живее и работи во повеќе балкански културни центри (Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Солун, Атина, Тирана, Цариград, Софија). Коректно владее повеќе балкански и европски јазици. Во одреден период бил под влијание на словенофилството и прави обид да создаде граматика на словенско есперанто.

Поетската творба Сердарот се смета за апсолутен врв на сиот влог што во уметноста на зборот овој творец го дал. За книжевната наука оваа поема треба да се разгледува во контекстот на европската теорија на романтизмот. За неа авторот во Атина го добива од критиката прозвиштето Втор Хомер. Други позабележителни негови творби се Автобиографијата и словото-есеј „Чувај се себеси. Тоа се комплементарни литературни дела и ја доречуваат на директен начин основната порака на Сердарот.