Едукативни работилници
Никогаш не е прерано да започнеме да ги учиме нашите деца повеќе за тоа како функционира телото и кои се добрите навики кои треба да ги практикуваме. Поттикнати од оваа идеја Здружението за бубрежно болни граѓани „Нефрон“ во соработка со „Ладна“ од средината на месец октомври започнаа да организираат едукативни работилници наменети за сите третооделенци од скопските општините Центар, Аеродром, Гази Баба и Чаир. „Кога ќе го споите едукативното со забавното, го освојувате вниманието на најмладите и тие со задоволство ги восприемаат советите кои им се посочуваат од нашите доктори, а се однесуваат на тоа како да ја одржуваат правилната функција на нивните бубрези. Предавањата се интерактивни, па така лесно можеме да го слушнеме и нивниот став и мислење во врска со навиките кои ги имаат, можат да поставуваат прашања и заеднички да дојдеме до вистинските заклучоци“, вели др. Трпеновски, кој е дел од ова несекојдневно дружење со учениците.