ООУ Григор Прличев

Гази Баба СКОПЈЕ

Посета на Музејот на македонската борба за самостојност

Во пресрет на 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, учениците од VIII-а и VIII-б одделение, заедно со своите одделенски раководители Татјана Силјаноска Гочкова и Лорета Станковиќ, го посетија Музејот на македонската борба за самостојност.

Посетата беше посветена на запознавањето со значајните историски настани и личности кои оставиле длабока трага во македонската револуционерна борба и стремежот за слобода и самостојност. Посебен акцент беше ставен на музејската поставка посветена на 23 Октомври, денот кога во 1893 година во Солун била основана Македонската револуционерна организација.

Преку разгледувањето на музејските експонати, историските документи и автентичните прикази, учениците имаа можност да го збогатат своето знаење за минатото, да се запознаат со идеалите и жртвите на македонските револуционери и да ја согледаат важноста на зачувувањето на историското и културното наследство.

Оваа едукативна посета претставуваше можност за учење надвор од училницата, поттикнувајќи го интересот за историјата, развивањето на историската свест и почитта кон минатото.

⚙️
Лого

Политика за колачиња

За да обезбедиме најдобри искуства, користиме технологии како колачиња.