Денес одбележуваме 120 години од загинувањето на Ѓорѓи Николов Делчев (1872-1903)
4 Мај, 2023Појавата на Гоце Делчев на македонската историска сцена, во новата историја на македонскиот народ воопшто не беше случајна. Појавата и револуционерното дело на Гоце Делчев во целост се поврзува со развојот на македонското национално-ослободително и револуционерно движење од крајот на XIX и почетокот на XX век.
Гоце Делчев претставува маркатна историска личност. Неговата личност и неговото дело длабоко се вткаени во новата историја на македонскиот народ. Неговото име ги персофинифицира високите дострели на македонската илинденска генерација.
Гоце Делчев, со сите свои револуционерни следбеници му даде посебен печат на македонското револуционерно дело. Го раздвижи и го постави на високи начела, го втемели современиот револуционерен дух на времето, го исфрли на површина и го постави на раскрсницата на историјата и столетијата.
Гоце Делчев со своето дело, стана прва револуционерна совест на Македонија, смел борец, за национална самобитност на Македонците и борец за социјална правда. Тука е нераскинливата поврзаност на неговиот животен пат со животот на македонскиот народ, кој национално и социјално потиснат, ги бараше своите патишта и насоките за ослободување од вековната османлиска власт, за создавање на своја сопствена држава. Оттука, тој преставуваше личност во своето време, се издигна над своите современици и образложи определена содржајна концепција за суштината на македонската револуција. Името на Гоце Делчев стана симбол во бробата за слобода, слободољубив трепет и благородна насока во подвизите на револуцијата. Гоце Делчев беше народен трибун, предводник на македонската самостојност и самобитност и водач во борбата за национално и социјално ослободување. Со својата револуционерна дејност и посветеност ги надмина тесните рамки на национална слобода и излезе со својот хуманизам и космополитизам.